Телефонски разговор Османи-Пич: Македонија ќе придонесе во зацврстување на темелните вредности на ОБСЕ

Македонскиот министер за надворешни работи во телефонски разговор со специјалниот пратеник британскиот Премиер за Западен Балкан, Лорд Пич

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска остварил телефонски разговор со специјалниот пратеник на британскиот Премиер за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич.

Како што информираат од МНР, Лорд Пич го честитал преземањето на претседавањето со ОБСЕ, изразувајќи убедување дека Северна Македонија ќе придонесе во зацврстување на темелните вредности на Организацијата и ќе даде свој придонес кон зачувувањето на регионалниот мир, стабилноста и соработката меѓу земјите членки на Организацијата.

Османи, како што информираат од неговиот кабинет, ги афирмирал клучните заложби за приоритетите врз кои ќе се фокусира нашето претседавање со ОБСЕ искажувајќи благодарност за британската поддршка.

„Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат високо развиени и партнерски односи, кои оваа година бележат 30 години од нивното воспоставување. Во тој контекст, МНР Османи се заблагодари за посветеноста и силната поддршка на демократскиот и економскиот развој на нашата земја, кои Обединетото Кралство во пракса континуирано ги демонстрира“, соопштија од МНР.

Војната во Украина - врвен приоритет за македонското претседавање со ОБСЕ

Двајцата соговорници се осврнале и на актуелните политички состојби во земјите од Западен Балкан и други актуелни меѓународни теми. Од 1 јануари Македонија е претседавач на најголемата регионална безбедносна организација во светот.