САД и Јапонија ја зацврстуваат соработката во одбраната

Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида по нивната билатерална средба во Токио, Јапонија, 23 мај 2022 година.

Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска ќе имаат разговори во Вашингтон, соопшти Белата куќа, наведувајќи дека двајцата лидери ќе се осврнат врз „голем број регионални и глобални прашања, вклучително и незаконското оружје за масовно уништување и програмите за балистички ракети на Северна Кореја, бруталната војна на Русија против Украина и одржувањето на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“.

САД ги повикаа ОН да побараат одговорност од Северна Кореја за ракетните тестови

Вчера САД и Јапонија постигнаа договор за одбрана поради зголемената загриженост за Кина и тензиите околу Тајван и Северна Кореја, соопштено е во Вашингтон доцна синоќа. „Се согласуваме дека Кина го претставува најважниот стратешки предизвик за двете земји“, рече шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен по средбата во Вашингтон со неговиот јапонски колега Јошимаса Хајаши и одделната средба на министрите за одбрана на две земји. Блинкен рече дека САД го поздравуваат новиот став на Јапонија во областа на одбраната и додаде дека билатералниот договор за безбедност и одбрана се однесува и на соработката во вселената. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин најави распоредување на американските сили за брз одговор на јапонскиот остров Окинава до 2025 година за да ја зајакне одбраната на Јапонија, која е загрижена поради зголемените кинески активности во регионот.