Шоле: Северна Македонија е витален партнер на Западен Балкан

Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД Ентони Блинкен

Северна Македонија е витален партнер на Западен Балкан, преземајќи важна лидерска улога во обликувањето на безбедноста и стабилноста и во регионот и во цела Европа, во клучен момент, порачал советникот во Стејт Департментот Дерек Шоле на денешната средба со клучните владини лидери на нашата држава.

Како што објавија на веб-страната на Американската амбасада, советникот Шоле ѝ честитал на Владата за претседавањето со ОБСЕ и го истакнал значењето на овој потфат во клучен момент за европската безбедност.

„Патот напред за Северна Македонија, како оној на остатокот од Европа, бара напорна работа и жртва. Соединетите Држави се партнер во справувањето со тие предизвици. Благодарни сме на Северна Македонија за нејзината цврста поддршка како партнер и доверлив НАТО сојузник во оспорувањето на руската агресија во Украина и помошта за релокација на авганистанските бегалци“, истакнал тој.

Видете и ова: Шоле бара борба против корупцијата, но не донесе листа на санкции

Оттаму дополнуваат дека по средбата со премиерот Димитар Ковачевски и другите клучни министри во Владата на Северна Македонија, советникот Шоле заминал за Косово.