Судскиот совет - „Таргет-Тврдина“ со месеци неоправдано бил чуван во фиока

Судски совет

Апелацискиот суд во Скопје неразумно долго, без да наведе причини, ги чувал предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ во кои обвинет е ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, но и случајот „Транспортер“ за ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, а пропусти има и во случајот „Алфа“ за убиството на полицаецот кај ПМФ. Ова се дел од заклучоците донесени на денешната седница на Судскиот совет по направената ревизија во Апелација.

Работна група од Судскиот совет направи ревизија во Апелација по реакциите во јавноста на граѓаните но и на политичарите за укунувањето на пресудата за предметите најголемата до сега афера „Таргет Тврдина“ и „Трезор“ кои се однесуваа на масовното незаконско прислушување, набавката и уништувањето на опремата за прислушување.

Видете и ова: Правдата во сенка на аферите

Обемноста на предметите, пренатрупаноста со работа, користењето боледувања и годишни одмори, зарази со ковид биле дел од оправдувањата што ги давале судиите во изјавите пред тројцата членови на Судскиот совет што ја правеа контролата.

„Она што го констатираше работната група е дека е изминат период од речиси девет месеци од денот на одржување на јавната седница до денот на донесување на одлуката. Сметаме дека нема образложение за причините за изминувањето на толку долг период. Сметаме дека се создадени услови за евентуално застарување на дела во оваа постапка што е сериозна повреда на Законот за кривична постапка поради непочитување на роковите за донесување на одлука“, изјави на седницата судијката Тања Чачарова-Илиевска.

Видете и ова: Поништени пресуди - застарена „правда“

Во „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ со првостепената пресуда беше осуден поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков на 12 години затвор. Покрај него во овој предмет осудени беа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, избеганите разузнавачи Горан Грујовски и Никола Бошковски и нивниот колега Тони Јакимовски. Во Трезор беше осуден за 8 години казна затвор.