Зеленски за американската воена помош – Прекрасен божиќен подарок

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали Соединетите Американски Држави (САД) за вклучувањето на оклопни противтенковски возила и противавионски ракети во вчерашниот пакет воена помош, велејќи дека тоа ќе ја засили украинската армија на бојното поле.

„Прекрасен божиќен подарок за Украина“, напиша Зеленски на Твитер на 6 јануари.

„За првпат ќе добиеме оклопни возила Бредли, тоа е токму она што е потребно. Нови оружја и муниција, вклучувајќи и високопрецизни, нови ракети, нови беспилотни летала. Тоа е навремено и силно“, рече Зеленски во ноќното телевизиско обраќање.

Видете и ова: Русите тагуваат за војниците убиени во украински напад, Кремљ смета дека нивните мобилни ја откриле локацијата

САД вчера објавија воена помош од 3 милијарди долари за Украина.
Во меѓувреме, во Украина се пријавени напади и покрај краткиот прекин на огнот што го најави рускиот претседател Владимир Путин за Божиќ. Русија, пак, тврди дека нејзините војници го почитувале примирјето и покрај нападите од украинските војници.

Путин повика на 36-часовен прекин на огнот, додека Зеленски и други западни претставници оценија дека се работи за трик на Кремљ за да купи време и да си ја подобри позицијата на бојното поле.

Прекинот на огнот прекинува вечерва на полноќ по московско време.