Иран укина смртна казна на тројца демонстранти, на други двајца им ја потврди

Иран - илустративна фотографија.

Иранскиот Врховен суд ја укина смртната казна изречена на тројца обвинети кои наводно имале улога во убиство на офицер за безбедност, но ја потврди смртната казна за двајца други во случајот.

Амир Хашеми, директор за односи со јавноста на Врховниот суд, днеска на својот Твитер профил објави дека врз основа на одлуката на судот, смртната казна за Хамид Карахасанлу, Хосеин Мохамади и Реза Арија се укинува поради пропуст во истрагата.

Сепак, судот, исто така, ги отфрли жалбите на Мохамад Махди Карми и Сејед Мохамад Хосеини, потврдувајќи ги нивните смртни казни што произлегуваат од истиот инцидент.

Видете и ова: Поглед напред: Во 2023 нов ирански нуклеарен договор или тврд план Б?

Властите обвинија 16 демонстранти дека предизвикале смрт на припадник на паравоените сили Басиј, за време на антивладините демонстрации.

Сите обвинети ги негираат обвиненијата, велејќи дека биле цел поради нивната улога во националните протести предизвикани од смртта на Махса Амини во притвор.