Маглата го отежна авионскиот сообраќај, намалена видливост на повеќе патни правци

Илустративна фотографија, магла над Скопје

Поради густа магла се одложени или откажани дел од летовите на Меѓународниот аеродром во Скопје, а отежнат е и патниот сообраќај на неколку правци низ државата.

Според информациите на веб страницата на Меѓународниот аеродром, откажани се летовите од Бремен и Дортмунд, а одложен е летот од Истанбул. Единствено, на скопскиот аеродром слетал авионот од Виена. За околу четири часа е одложено и полетувањето за Истанбул и за скоро еден час летот за Лондон.

Видете и ова: Низ земјава сончево време, во Скопје и по котлините магла

Во делот на патниот сообраќај пак, како што соопштија од јавното претпријатие „Македонија пат“ намалена видливост до 150 метри има на патниот правец Тетово – Групчин и од 50 до 100 метри на патните правци Битола-Прилеп-Плетвар, Кичево-М.Брод, Скопје-Куманово, Скопје-Велес, Велес-Катланово и Кочани-Штип.

За денеска од УХМР најавија сончево време низ државата, ама магла по котлините меѓу кои е и скопската. Во Скопје, најавено е нејзино краткотрајно намалување во попладневниот период. Ветер се очекува од вторник попладне.