Руски новогодишни напади во украински градови

Иранскиот дрон Шахед со новогодишна честитка на руски беше соборен од украинските сили на 31 декември над Киев

Сирените за воздушен напад се огласија во Киев во раните утрински часови од Новата година, додека Русија продолжи со нападите со беспилотни летала и ракети врз главниот град на Украина и другите градови.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека уништиле 45 беспилотни летала камикази од Иран, од кои 32 по полноќ.

Нападите се случија откако рускиот претседател Владимир Путин во своето новогодишно телевизиско обраќање сигнализираше дека Кремљ ќе ја продолжи својата војна, која првично беше претставена како краткорочна воена операција и сега се приближува до 11-тиот месец.

Говорејќи од Јужниот воен округ на Русија, опкружен со војници, Путин рече дека „моралната и историската вистина“ е на страната на Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во објавите на социјалните мрежи по новите напади доцна на 31 декември, го критикуваше Путин дека продолжил да ја напаѓа Украина за време на празничната сезона и рече дека историјата нема да биде љубезна кон рускиот претседател.

„Имаше неколку бранови ракетни напади на новогодишната ноќ. Мета на проектилите беа луѓе. Никој во светот нема да ви го прости тоа. Украина нема да прости“, рече Зеленски.

Видете и ова: Експлозии во Киев, предупредувања за воздушни напади низ Украина

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во објава на Телеграм изјави дека едно лице загинало, а 22 се ранети, меѓу кои и јапонски новинар, во напад на главниот град на 31 декември. Тој истакна дека 30 отсто од жителите на Киев се без струја.

Заменик-командантот на украинските копнени сили, Олександр Пављук соопшти дека биле оштетени цивилни објекти во три области на Киев, вклучително и приватна куќа и хотел.

Новите напади следуваат неколку дена откако Русија го започна она што беше опишано како еден од најголемите воздушни напади врз Украина од почетокот на војната.