МОК – Остануваат на сила санкциите за Русија и Белорусија

УКРАИНА - Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах и претседателот на Украина Володимир Зеленски , Киев, 3 јули 2022 година

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Томас Бах повтори дека санкциите против Русија и Белорусија во врска со руската инвазија на Украина мора да останат на сила.

Бах, исто така, во новогодишната порака објавена на 30 декември рече дека МОК ќе продолжи да ја поддржува олимписката заедница на Украина. МОК воведе санкции за руските и белоруските влади и држави веднаш по почетокот на инвазијата кон крајот на февруари.

Со санкциите се забрануваат меѓународни спортски настани во двете земји и истакнување на симболи на МОК.

„Овие санкции против руските и белоруските држави и влади мора и ќе останат цврсто на место“, рече тој.

Бах додава дека сакаат да видат силен тим од Украина на Олимписките игри во Париз 2024 година и на Зимските Олимписки игри Милано Кортина 2026 година.

Видете и ова: Меѓународниот олимписки комитет ја разгледува можноста за учество на руски и белоруски спортисти

И додека остануваат на сила санкциите против Русија и Белорусија, неодамнешниот Олимписки самит ја отвори вратата спортистите од двете земји повторно да се натпреваруваат.

Ова уследи по предлогот на Олимпискиот совет на Азија да се разгледа можноста дали руските и белоруските спортисти би можеле повторно да се натпреваруваат на настани на МОК, под услов да ги почитуваат санкциите и Олимписката повелба и да се натпреваруваат без национални симболи.