ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори во мај

Предвремени парламентарни избори да се распишат во втората половина од јануари, кампањата да стартува на 25 април , а изборите да се оддржат во периодот меѓу 14 и 21 мај, бара опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Ова им го соопшти лидерот на партијата Христијан Мицкоски на брифингот со новинари.

За владиниот став дека изборите ќе се одржат во редовниот термин 2024 година, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ги искористат сите механизми за да ја постигнат својата цел и оти ќе бидат креативни во изнаоѓање на начинот на одржување на тие избори.

„Состојбата во државата е неподнослива, но така е и внатре во владејачките партии, пред се коалицијата СДСМ-ДУИ и Алтернатива. Потребно е рестирање на системот. Нераелно е она што говори Ковачевски за избори во 2024 година и тоа прво претседателските, а потоа парламентарните“, изјавил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на средба со новинарите.

Видете и ова: Нема консензус за уставни измени по лидерската средба

Во таков случај Мицкоски очекува претседателските избори да бидат неуспешни и фунцкцијата да ја извршува претседателот на Собранието. На тој начин ДУИ покрај функцијата претседател ќе има и технички премиер сосгласно договорот што го имаат со СДСМ.

Во однос на вметнувањето на Бугарите во Уставот, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да го сменат ставот, односно дека нема да поддржат уставни измени.
Претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека од следната недeла ќе се интензивираат консултациите за двотретинско мнозинство за уставни измени.

Видете и ова: Уставните измени во март на собраниско мени?

Мицкоски на брифингот со новинарите посочил дека поединечно преговарање од власта со негови сопартијци нема, а за следните парламентарни избори во партиската програма ќе имаат понудено решение за проблемите со Бугарија и деблокада на евроинтеграциите.

Бугарија летово го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог, кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Еден од условите е вметнување на Бугарите во Преамбулата, а Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците од опозициската партија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи неодамна изјави дека ако уставните измени не се случат до завршувањето на европскиот скрининг, тогаш нема да се одржи втората Меѓувладина конференција, односно нема да се отвори првиот кластер од преговорите со ЕУ.