Хакeрски напади врз неколку банки во Албанија

Илустрација

Неколку банки од второ ниво се хакирани во изминативе неколку дена во Албанија, но како што изјави министерката за финансии Делина Ибрахимај не е предизвикана штета на банкарските сметки на албанските граѓани. Таа посочи дека вакви сајбер напади не се ретка појава во светот.

„Банките гарантираат дека не се допрени сметките на граѓаните. Албанската Влада презема реформа во оваа насока, каде што ќе ги следи сите напади што може да се случат во иднина. Овие напади не се случија само овде, туку во сите земји во светот и ова е војна која му припаѓа на новиот свет“, посочи Ибрахимај, јавува новинската агенција МИА.

Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши призна дека нападите стануваат секојдневни но оти „ниту еден оператор, без разлика дали е приватен или јавен, не е ослободен од изложување на овие напади“.

„Се справуваме со секој случај, секој напад, за кои мора да се каже дека се секојдневни. Оние кои се попроблематични добиваат поголемо внимание од јавноста. Сите сме изложени, дури и приватните системи, не само јавните“, рече Пелеши.

Видете и ова: Албанија инвестира 2,8 милиони евра за модернизација на серверите, по иранските хакерски напади

Иранските хакери од групата „Татковинска правда“, во саботата на мрежата Телеграм објавија податоци од банкарските сметки на функционери во албанските министерства и државни институции.