„Огнените“ од ДУИ бараат освежување во владиниот тим

Изет Меџити

Членови на ДУИ, кои се дел од т.н. „Огнена група“, денеска повторно упатија забелешки по однос на, според нив, неефикасното исполнување на партиската изборната програма 2020-2024 година и побараа од раководството на партијата „да ги повика на одговорност министрите од нивните редови во Владата, како и кадрите од пониските ешалони во власта“. Иако сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар, тие сепак ја поддржуваат ориентацијата на Владата и не го оспоруваат лидерството на претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

На прес-конференцијата во присуство на истакнати партиски членови и дел од Централното претседателство на ДУИ, меѓу кои и Невзат Бејта, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Башким Хасани, Ејуп Адеми, Камил Ковачи, Аднан Ејуп, како и советници во Градот Скопје, се обрати потпретседателот на партијата и пратеник во Парламентот, Изет Меџити.

Видете и ова: Груби сменет од партиската функција, изборите во ДУИ ги доби „Огнената група“

Според него, донесувањето одлуки во ДУИ станало „ексклузивна привилегија на еден клан близок“ на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

„Ние го креваме гласот против постапките на Груби, кои се во спротивност со ставовите на мнозинството членови на ДУИ. Ова доведе до пад на поддршката на ДУИ и внатрепартиска поделба“, рече Меџити, додавајќи дека целта им била да го мобилизираат членството на ДУИ.

Меџити рече дека за две години, од 520 милиони евра, само 11 милиони евра се вложени за „пет албански проекти, меѓу нив и патот Кичево – Дебар“.

Во прилог на нивните забелешки тој ги посочи и резултатите од последната анкета на ИРИ според која, како што тврди, вицепремиерот Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи „имаат најслаби резултати“ и „за првпат рејтингот на албанската опозиција го надминува оној на ДУИ“.

Видете и ова: Незадоволство во ДУИ – Партиски функционери против вицепремиерот Артан Груби

Меџити истакна дека тоа е аларм да се обедини партијата и да се направат кадровски промени во клучните институции, посочувајќи дека т.н. „Огнена група“ нема дилема околу поддршката на стратешките определби на државата за членство во НАТО и интеграција во ЕУ, ниту во однос на лидерството на Али Ахмети, како и дека не е за предвремени парламентарни избори.

Дел од членството на ДУИ веќе подолг период е во судир со вицепремиерот Артан Груби.