Кулеба: Украина е за мировен самит до крајот на февруари

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вели дека неговата влада сака да има мировен самит до крајот на февруари со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш како посредник.

„Обединетите нации би можеле да бидат најдоброто место за одржување на овој самит, бидејќи ова не е за правење услуга на одредена земја“, рече Кулеба во интервју за Асошиејтед Прес.

Русија може да биде поканета на таков самит само ако земјата прво се соочи со трибунал за воени злосторства, додава Кулеба, кој еден ден претходно рече дека Украина ќе повика Русија да биде отстранета од постојана членка на Советот за безбедност на ОН поради нејзините континуирани напади врз цивилна инфраструктура во нејзината војна против Украина.

Зеленски побара помош од премиерот на Индија за спроведување на „формулата за мир“

Кулеба додаде дека дипломатијата секогаш игра важна улога во завршувањето на конфликтот и рече дека Украина ќе го поздрави учеството на Гутереш бидејќи тој се покажал како ефикасен посредник и „човек со принципи и интегритет“.

Кулеба, исто така, ги коментираше изјавите на рускиот претседател Владимир Путин и други руски претставници дека Москва е подготвена за разговори.

„Тие редовно велат дека се подготвени за преговори, што не е точно бидејќи се што прават на бојното поле го докажува спротивното“, изјави тој за Асошиејтед Прес.

На 25 декември на руската државна телевизија, Путин рече дека е отворен за преговори за ставање крај на војната во Украина, но посочи дека Украинците се тие што одбиваат да го направат тој чекор.