Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека во синоќешната полициска акција на ГП „Табановце“ се приведени командир, заменик командир, раководител на смена, како и шест полицајци за злоупотреба на службена положба. „Стратешка цел е борбата против корупцијата. Една од целите е јакнење на интегритетот на полициските службеници тоа што вчера се случуваше е дел од тоа. Ова го работеше одделот за спречување на организиран криминал, злоупотреба на службената положба и поткуп од Табановце. Извршени се претреси, како и лични во нивните домови се со цел да бидат пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичните дела, се работи на понатамошната постапка за овој случај и секако дека ова е еден дел од активностите за борбата против корупцијата“, истакна министерот Спасовски.
Акција на МВР и на обвинителството на граничниот премин Табановце
На ГП „Табановце“ синоќа беше спроведена акција на Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Поради одвивањето на акцијата на граничниот премин имаше неколкучасовен застој и долга колона возила.