Во центарот на Белград денеска се одржа протест против руската инвазија на Украина, која започна пред точно десет месеци, односно на 24 февруари. Учесниците на протестот побараа итно повлекување на руските војници од територијата на соседната земја.
Насобраните носеа транспаренти „Путин, подалеку од Украина“, „Слобода за Украина“, „Стоп за военото лудило“, „Стоп за војната“, „304 дена смрт и страв“.
Со извиците „Мир за Украина, слобода за Русија“, неколку стотици демонстранти маршираа низ централните белградски улици кон Руската амбасада.
Демонстрантите стигнаа до аголот на улиците Делиградска и Тиршова, каде што полицијата ги запре. На демонстрантите не им беше дозволено да се приближат до зградата на руската амбасада на улицата Делиградска.
Протестот го организираше Руското демократско општество, организација од Белград која се противи на власта на рускиот претседател Владимир Путин и инвазијата на Украина.
„Денес се навршуваат десет месеци откако рускиот диктатор нареди на својата армија да изврши целосна инвазија на соседната земја. Како резултат на оваа луда наредба, стотици илјади човечки животи беа уништени и осакатени за време на десет месеци војна“, соопштија организаторите.
Тие потсетија дека милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови и дека десетици градови и населби во Украина се „целосно или делумно избришани од лицето на земјата“.
„Милиони градови ја пречекаа зимата без греење, вода и енергија. Стотици деца беа убиени и осакатени, илјадници од нив останаа без родители. Ниту еден разумен човек не треба да молчи додека ова лудило продолжува“, се заклучува во соопштението.
Србија е една од ретките земји каде што покрај мирните протести за поддршка на Украина, се одржуваат и митинзи за поддршка на Русија.
Иако ја осуди агресијата врз Украина, Србија одбива да воведе санкции кон Русија, на што Европската унија ја обврзува. Од почетокот на инвазијата на Украина, илјадници Руси дојдоа во Србија.