Протести по Париз по вооружениот напад на курдски центар

Учесници на протестите во Париз

Курдски активисти, левичарски политичари и антирасистички групи протестираа денеска во Париз поради убиството на три лица пред културниот центар Куршевел во француската престолнина, за кое обвинителството вели дека било расно мотивирано, објави Асошиетед прес.

Обвинителството во Париз соопшти дека вчера 69-годишен маж со револвер застрелал случајни минувачи, при што убил три лица, а ранил уште три. Осомничениот напаѓач е ранет и се наоѓа во притвор.

Осомничениот се соочува со можни обвиненија за расно мотивирано убиство и обид за убиство, наведе париското обвинителство.

Нападот ја зголеми загриженоста за можноста од злосторства од омраза против малцинските групи во време кога екстремната десница добива на сила во Франција и Европа.

Видете и ова: Тројца загинати во престрелка во центарот на Париз

На протестот некои учесници фрлаа клупи и корпи за отпадоци и се судрија со полицијата, по што полицијата употреби солзавец.

Нападот ја потресе курдската заедница во француската престолнина и ја стави полицијата во состојба на готовност за време на прославата на Божиќ. Шефот на париската полиција денеска се сретна со припадниците на курдската заедница за да се обиде да ја смири ситуацијата.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен рече дека осомничениот за нападот дејствувал независно и дека не бил официјално поврзан со екстремно десничарски или други радикални движења.