Тројца загинати во престрелка во центарот на Париз

Француската полиција и пожарникари обезбедуваат улица по истрели од огнено оружје, во центарот на Париз, 23 декември 2022 година

Три лица загинаа, а четворица се повредени во пукотница недалеку од Курдскиот културен центар во Париз. Две лица загинаа на лице место, додека третото им подлегна на повредите по нападот.

Уапсен е 69-годишниот напаѓач. Бидејќи бил повреден, тој бил префрлен во болница, соопшти градоначалничката на 10-тата област, Александра Кордебард, на местото каде што полицијата ги блокирала околните патишта.

„Има тројца мртви, едно лице на интензивна нега и две лица со тешки повреди, а осомничениот, кој беше уапсен, исто така е повреден, особено во лицето“, изјави за новинарите париската обвинителка Лаура Бекуау.

Видете и ова: Приведени над 200 лица во немири во Франција по поразот на Светското во Катар

Засега не е утврден мотивот за нападот, но Бекуау истакна дека осомничениот штотуку бил ослободен од затвор, една година откако со меч нападнал мигранти во камп во Париз, пренесува Би-Би-Си.

Полициски извори го опишаа напаѓачот како „белец“ од француска националност, кој имал обиди за убиство во 2016 и 2021 година, пренесува AФП.

Градоначалничката Кордебард рече дека цел на нападот биле Курдскиот центар на заедницата, ресторан и фризерски салон. Две лица биле застрелани во салонот.

Курдскиот центар на заедницата, го користи хуманитарна организација која работи на интегрирање на курдското население во регионот на Париз.

Нападот се случува речиси 10 години по убиството на три жени од курдска националност во Париз, во јануари 2013 година.

Курдите, кои често се опишуваат како најголемата нација во светот без држава, се муслиманска, но неарапска етничка група која живее низ Турција, Сирија, Ирак и Иран и се соочува со прогон и насилство.

Властите ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа.