Навални - Пригожин регрутирал затвореници за војната во Украина

Евгениј Пригожин

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор, вели дека водачот на озлогласената платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, регрутирал десетици затвореници од казнената колонија каде што е сместен Навални. Тој се наоѓа во казнена колонија во Владимирската област, 70 километри источно од Москва.

Навални, кој моментално се наоѓа во самица, на 21 декември на Твитер објави дека друг затвореник му кажал за двете посети на Пригожин на колонијата во последните денови. Пригожин регрутирал илјадници затвореници низ Русија за да се борат во војната во Украина што ја започна Москва. Навални тврди дека Пригожин регрутира од 80 до 90 луѓе, а потоа имало уште еден бран на регрутирање, но не прецизира за точна бројка колку луѓе биле регрутирани да се борат во Украина.

Видете и ова: Дали руската паравоена група Вагнер ќе помогне доколку има „конфликт на Косово“

Навални беше уапсен во јануари минатата година по неговото пристигнување во Москва од Германија, каде што беше лекуван од напад со отров со она што европските лаборатории го дефинираа како нервен агенс од советски стил.
Потоа му беше изречена затворска казна од 2 и пол години за прекршување на условите од претходно условно ослободување поради неговото закрепнување во странство.

Оригиналната пресуда нашироко се смета за измислен, политички мотивиран случај.

Руската паравоена група учествува во војната во Украина. Поради врските со групата Вагнер, Пригожин е на списокот со санкции на САД, Британија и Европската унија. Овој руски бизнисмен излезе од сенка и почна почесто да се појавува во јавноста за време на војната во Украина.