Ирански режисер со порака до властите: Ги погребуваме нашите најблиски; немаме време да танцуваме за вас

Познатиот ирански режисер Мани Хагиги

Познатиот ирански режисер и истакнат актер, Мани Хагиги преку видео на социјалната мрежа „Инстаграм“ отворено ги критикува иранските власти за задушување на протестите кои започнаа по смртта на Махса Амини, која умре во полициски притвор.

„Не можете да ја држите нечија глава под вода и да ја наречете неговата борба да го спаси неговиот живот „пореметување“, рече Хагиги во видеото. „Во моментов ги погребуваме нашите најблиски; немаме време да танцуваме за вас“, додаде 53-годишниот ирански режисер, одговарајќи на барањето на министерот за исламско водство, уметниците да се вратат на сцената.

Повеќето уметници ги откажаа настапите за поддршка на протестите предизвикани од смртта на 22-годишната Амини.

Во меѓувреме и познатиот ирански актер Шахаб Хосеини им се обрати на властите на Исламската република во новообјавен документарец, велејќи дека ако постоеше друг начин да се изрази протест, никој немаше да излезе на улица.

„Кој сака да се откаже од својот живот и да излезе на улица и да биде тепан, застрелан и убиен, само за да го одбрани своето право“, рече Хосеини.

Иранските судови ја користат смртната казна за да ги запрат протестите

Од почетокот на секојдневните протести, неколку ирански кинематографери и истакнати јавни личности беа повикани или уапсени од полицијата. Еден од актерите, Хосеин Мохамади (26) се соочува со смртна казна откако наводно бил измачуван да им признае на безбедносните сили кои сакале да ја префрлат вината на него и на 15 други за смртта на припадник на паравоените сили за време на демонстрациите.

Според извештаите на организациите за човекови права, од почетокот на протестите низ Иран, повеќе од 400 луѓе се убиени, а илјадници демонстранти се уапсени, вклучително и новинари, адвокати и активисти.