Нов оперативен тим за хибридни закани, најави Владата

Нов оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани ќе се формира, најавија денеска надлежните по одржувањето на состанокот на Советот за координација на безбедносно- разузнавачката заедница Заклучокот од седницата е дека состојба е стабилна и не постојат реални закани по безбедноста на граѓаните. Денешниот состанок се одржа по честите дојави за бомби во државава.

"Безбедносно-разузнавачката заедница е во секојдневна меѓусебна комуникација и координација, како и со меѓународните партнери од безбедносниот сектор со кои постојано работат на размена на информации и искуства во справувањето со хибридните закани," соопштија од Владата по третата седница на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Со оперативниот тим за сајбер безбедност и хибридни закани ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи. Оперативниот тим ќе биде составен од експерти од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање. Предвидено е по потреба да бидат вклучени и други институции и експерти.

На состанокот присуствувале првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Бујар Османи и за одбрана Славјанка Петровска, директорите на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски и на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, раководителот на Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање полковник Ивица Ампов, а како ад-хок присуствувал и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски. Седницата е свикана на иницијатива на канцеларијата на Советот предводена од секретарот Даниела Илиоска.

Денеска попладне на електронските адреси на 16 училишта во Скопје беше упатена закана за поставена експлозивна направа.

"Лажни се пријавите за наводно поставени бомби во училишта во Скопје, завршија сите потребни проверки
Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Скопје (две основни училишта и 14 средни училишта), по добиените пораки на електронските адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави", се вели во соопштението од МВР.