Во вкупно 15 скопски училишта пристигнале дојави за бомби

Бројот на дојави за поставени бомби попладнево порасна на 15 училишта од кои 13 средни и две основни, соопшти МВР. Оттаму велат дека во дел од објектите веќе се завршени проверките и е утврдено дека станува збор за лажни пријави, додека во другите се во тек проверки.

„Веднаш по добиените пријави до СВР Скопје, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, наведуваат од МВР.

Видете и ова: Евакуирани ученици од четири скопски училишта по дојава за бомба

Претходно премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека денеска се одржа координативен состанок на безбедносните служби, каде што се разговарало за состојбата со лажните дојави за бомби во изминатиот период.

Последната серија на закани за бомби беше регистрирана во петокот во 15 училишта, од кои десет во Скопје и пет во Битола.

Претходно денеска американската амбасада во Скопје издаде безбедносно предупредување до граѓаните на САД кои планираат да патуваат или престојуваат во земјава да внимаваат поради потенцијално зголемување на криминалот за време на празниците, но и во врска со дојавите за поставени бомби во училиштата и други објекти, како и на места каде што има голема фрекфенција на луѓе.

Видете и ова: Амбасадата на САД во Скопје со предупредување до Американците

Од Амбасадата ги потсетуваат граѓаните на САД да внимаваат додека се движат во празничните маркети, трговските центри и другите јавни места каде се собираат голем број луѓе поради потенцијално зголемување на џебните кражби и другите ситни криминални активности.