Евакуирани ученици од четири скопски училишта по дојава за бомба

Нови дојави за бомби денеска попладне се испратени до училишта во Скопје. Според информациите од МВР, досега во полиција четири школи пријавиле дека добиле закани за поставена експлозивна направа.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираат од МВР.

Видете и ова: Амбасадата на САД во Скопје со предупредување до Американците

Последната серија на закани за бомби беше регистрирана во петокот во 15 училишта, од кои десет во Скопје и пет во Битола. Покрај училиштата дојави за бомби имаше и на Меѓународниот аеродром Скопје, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, националната арена „Тодор Проевски“, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), трговскиот центар „Ист гејт мол“, како и во хотелите „Александар Палас“, „Мериот“ и „Сенигалија“. По проверките, се утврди дека сите дојави се лажни.

Видете и ова: МВР формира посебен штаб поради дојавите за бомби

Претходно денеска американската амбасада во Скопје издаде безбедносно предупредување до граѓаните на САД кои планираат да патуваат или престојуваат во земјава да внимаваат поради потенцијално зголемување на криминалот за време на празниците, но и во врска со дојавите за поставени бомби во училиштата и други објекти, како и на места каде што има голема фрекфенција на луѓе.

Од Амбасадата ги потсетуваат граѓаните на САД да внимаваат додека се движат во празничните маркети, трговските центри и другите јавни места каде се собираат голем број луѓе поради потенцијално зголемување на џебните кражби и другите ситни криминални активности.