Амбасадата на САД во Скопје со предупредување до Американците

Американската амбасада во Скопје

Американската амбасада во Скопје издаде безбедносно предупредување до граѓаните на САД кои планираат да патуваат или престојуваат во земјава да внимаваат поради потенцијално зголемување на криминалот за време на празниците, но и во врска со дојавите за поставени бомби во училиштата и други објекти, како и на места каде што има голема фрекфенција на луѓе. Од Амбасадата ги потсетуваат граѓаните на САД да внимаваат додека се движат во празничните маркети, трговските центри и другите јавни места каде се собираат голем број луѓе поради потенцијално зголемување на џебните кражби и другите ситни криминални активности.

МВР формира посебен штаб поради дојавите за бомби

„Исто така, има пораст на пријавени закани за бомби повеќе пати неделно низ Скопје и регионот, на станици за јавен превоз, аеродроми, хотели, трговски центри, спортски центри и училишта. Локалните органи за спроведување на законот ја истражуваа секоја закана и досега сите закани за бомби беа лажни. Ако се најдете на локација што добила закана за бомба, следете ги упатствата на локалниот безбедносен персонал и полицијата на лице место“, се наведува во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на Амбасадата на САД во Скопје.

И скопскиот аеродром цел на хибридни напади, информиран е НАТО

Деновиве Министерството за надворешни работи во Берлин ги предупреди германските граѓани да бидат будни и претпазливи при патување во Северна Македонија поради заканите со бомби. На граѓаните, како што се наведува, им се препорачува да се информираат од доверливи локални и социјални медиуми во врска со актуелната ситуација и да ги следат препораките на локалните власти и безбедносни сили.