Марш на црвените чадори во Скопје, одбележан 15 годишен јубилеј

Протестен марш на сексуалните работници. Марш на црвените чадори. (Аргхивска фотографија 2017 година)

Сексуалните работници денеска во Скопје одржаа „Марш на црвените чадори“ по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.


Маршот почна од платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ и заврши на плоштадот „Филип втрри“.

„Ние, сексуалните работници, здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со нашите партнери и поддржувачи ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ, овогодишната кампања ја посветуваме на 15 годишниот јубилеј, преку ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата“, информираа организаторите.

Видете и ова: Хомофобично џентлменство - за едни ќотек, за други хејтање

Првиот Марш на црвените чадори беше одржан во Скопје на 17-ти декември 2008 година во организација на здружението ХОПС и тогаш неформалната група СТАР-СТАР.

Организаторите потсетија дека првите три години јавните протести на сексуалните работници биле симболични и се одвивале без присуство на медиумите.

„Што пак се должеше на стравот да излеземе во јавност и јавно да зборуваме за нашите проблеми и потреби. Но, од година во година станувавме се похрабри и погласни во борбата против насилството, стигмата и дискриминацијата и благодарение на Вашата медиумска поддршка овие јавни настани добиваа се поголема видливост. Повеќе не сме скриени во општеството и зборуваме во свое име“, велат тие.