Турција го доби најголемото подземно складиште за гас во Европа

Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Со зголемување на капацитетот на складиштето за природен гас во Силиври, Истанбул, Турција сега го има најголемото складиште за гас во Европа, јавува Анадолија.

Во Силиври денеска се одржа програма по повод завршувањето на проектот за зголемување на капацитетот на подземното складиште за гас, каде говореше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Со зголемување на капацитетот, Силиври стана најголемото подземно складиште за гас во Европа“, рече Ердоган.

Видете и ова: Ердоган и Путин разговарале за извоз по таканаречениот „коридор на жито“


„Нашата цел е што поскоро да ја трансформираме земјата во глобален центар каде што ќе се одредува референтната цена на природниот гас. Ја одредивме нашата енергетска визија да ја намалиме нашата надворешна зависност од примарните ресурси од 71 отсто на 13 отсто до 2053 година“, потенцираше турскиот претседател.

По зголемувањето на капацитетот, складиштето ќе може да задоволува приближно осум отсто од годишните потреби на Турција за природен гас.

Потребите од електрична енергија на објектот ќе ги задоволува ветерна турбина со инсталирана моќност од 4,2 мегавати. Капацитетот за складирање се зголеми од 3,2 милијарди на 4,6 милијарди кубни метри.