Хрватскиот парламент не прифати обука на украински војници во Хрватска

Архивска фотографија: Седница на хрватскиот парламент

Хрватскиот парламент, односно Сабор, денеска ја отфрли владината одлука за обука на украински војници во Хрватска, на која остро се спротивстави и претседателот на државата Зоран Милановиќ.

Владата не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство од 101 гласови во 151-члениот Сабор. За одлуката за учество во мисијата на Европската унија (ЕУ) за воена помош за поддршка на Украина (ЕУМАМ), која меѓу другото вклучува обука на стотина украински војници во Хрватска, гласаа 97 пратеници, а 10 беа против, но тоа не беше доволно за прифаќање.

Владината одлука за најде пред Саборот, откако претседателот Зоран Милановиќ од процедурални причини одби да го разгледа дописот од министерот за одбрана Марио Баножиќ, со кој се бара негова согласност за обука на украински војници на хрватска територија.

Видете и ова: Милановиќ – Воената помош за Украина е правно спорна, ЕУ не е воен сојуз

Според Уставот, претседателот е кокреатор на надворешната политика и врховен командант на армијата.

Милановиќ кон средината на октомври изјави дека остро се противи на воена обука на украински војници во Хрватска, додека премиерот Андреј Пленковиќ ги осуди неговите ставови како проруски.

Тој рече дека Хрватска нема да учествува во таа војна додека тој е врховен командант.

Претседателот Милановиќ доаѓа од Социјалдемократската партија, додека премиерот Пленковиќ е претседател на конзервативната Хрватска демократска заедница.

Ова е само едно од многуте спорни прашања меѓу премиерот и претседателот, кои веќе долго време имаат нарушени односи.

Видете и ова: ЕУ ќе обучува 15.000 украински војници

Пленковиќ ја изнесе идејата за обука на украински војници во Хрватска откако странските медиуми објавија дека ЕУ основа мисија за помош на Украина, дека 20 министри за надворешни работи на земјите-членки искажале начелна спремност да учествуваат во обука на украински војници, а 13 држави, меѓу кои и Хрватска, искажале спремност обуката да биде на нивна територија.

Русија ја нападна Украина во февруари годинава. Западните земји воведоа санкции против Москва и обезбедуваат парична и помош во оружје за Украина. Во октомври ЕУ донесе одлука за обука на украински војници.