Арсовска и ЈСП за една недела треба да реферираат за јавниот градски превоз

Блокади и протест на приватните автобуски превозници во Скопје, 5 декември 2022

Рок од седум дена имаат градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) да достават информации за градскиот превоз во главниот град. Рокот им го зададе Советот на Град Скопје, на денешната 21 седница.

Градоначалничката и ЈСП треба да кажат каква е актуелната состојба во јавниот превод во Скопје, состојбата во состојбата во ЈСП, како и на начинот на организација и реализација на јавниот градски превоз.

Минатиот месец поради неисплатени плати автобусите на ЈСП еден ден не возеа низ Скопје. Откако Град Скопје под чија капа е јавното претпријатие пренамени пари за плати на ЈСП, автобусите се вратија на улиците. Потоа и приватните превозници кои беа дел од јавниот превоз во Скопје, протестираа оти ЈСП и Град Скопје им должат пари. Градот ги раскина договорите со двете здруженија на приватни превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а линиите на кои возеа приватниците ги пополнија со автобуси на ЈСП.

Видете и ова: Приватните превозници ги прекинуваат блокадите

Приватните превозници неколку денови го блокираа главниот град, а вчера најавија дека ги повлекуваат блокадите околу седиштето на Град Скопје.

Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“ денеска изјави дека официјално поднеле барање до премиерот Димитар Ковачевски за средба, откако го испочитував неговиот предлог за деблокада на булеварите во Скопје.

„Очекуваме средбата да се случи брзо и да најдеме договорно решение во врска со исплатата на долгот, рече денеска на прес-конференција Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе го прифати барањето за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и превозниците ги отстранат блокадите од улиците на главниот град.