Полицијата во Франција се подготвува за мечот со Мароко на Светското првенство

Полицијата во Франција се подготвува за денешниот полуфинален меч на Светското првенство во фудбал против Мароко, по инцидентите што следеа по минатонеделната мароканска победа во четвртфиналето над Португалија. Околу 10.000 полицајци ќе бидат мобилизирани на национално ниво, од кои 5.000 ќе бидат распоредени во регионот Ил-де-Франс околу Париз и околу 2.200 во главниот град, што е двојно повеќе од безбедносниот персонал отколку за претходните клучни натпревари на Светското првенство, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Аргентина ја победи Хрватска и е прв финалист на мундијалот во Катар

Судири избувнаа во Париз на 10 декември, откако Мароко ја порази Португалија, додека прославите на победата со развиорени знамиња и свирење набрзо се претворија во насилство на улиците, а демонстрантите кршеа излози на продавниците, принудувајќи ја полицијата да употреби солзавец. Франција е поранешен колонијален владетел на Мароко и има голема мароканска дијаспора, концентрирана главно околу Париз и областа на медитеранскиот брег. Иако бројките за етничката припадност не постојат во Франција, проценките велат дека бројот на Франко-Мароканци и Мароканци кои живеат во Франција е околу 1 милион.