Ѓукановиќ ја обвини власта дека е неодговорна кон националните интереси и ја игнорира Европа

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ денеска ја обвини актуелната влада дека не само што е неодговорна кон националните интереси на Црна Гора, туку и дека целосно ја игнорира Европа.

Тој одговарајќи на прашања за повторувањето на локалните избори во Шавник, изменетиот Закон за претседател и неизборот на судии на Уставниот суд посочи дека е добиена јасна порака дека власта не е заинтересирана за тоа.

„Ова не е изум на демократите и УРА (партијата Обединета реформска акција), туку изум на проруската структура наречена ДФ (партијата Демократски фронт), а другите го следат од свои калкулантски причини. Ова е пред се црногорско прашање, но не е само тоа, затоа што мораме да ги здружиме силите“, рече Ѓукановиќ на конференцијата за руската агресија врз Украина „Влијание и рефлексија врз Западен Балкан“, организирана од германската фондација Конрад Аденауер и Атлантскиот совет на Црна Гора.

Според него, излезот од ситуацијата е спроведување на избори. Ѓукановиќ тврди дека не се залага за вонинституционални притисоци и методи и дека до вчера Црна Гора важела за примерен модел на демократска транзиција во регионот.

„Не е случајно тоа што Црна Гора влезе во НАТО и отиде пред другите земји во процесот на европска интеграција. Никој тоа не ни го дал“, рече Ѓукановиќ.

Видете и ова: Црна Гора меѓу ЕУ, Србија и Русија - кризата се продлабочува

Во Црна Гора за време на вчерашниот протест на опозицијата избувнаа судири, како одраз на длабоката политичка криза меѓу прозападните и просрпските и проруските партии во оваа членка на НАТО. Протестот се одржа додека пратениците во зградата на парламентот гласаа за одземање на одлучувачката улога на прозападниот претседател на земјата во назначувањето премиер.

Законот беше поттикнат од просрпското и проруското мнозинство во парламентот, што ја налути прозападната опозиција. Протестот го поддржаа опозициските партии предводени од најголемата, Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ.