Приватните превозници ги прекинуваат блокадите

Блокади на приватните превозници 05.12.2022

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски изјави денеска дека прекинуваат протестите на приватните превозници и автобусите се повлекуваат од блокадите. Тој посочи дека ќе му се даде простор на дијалогот што го предложи премиерот Димитар Ковачевски.

„Предложивме она што го кажа премиерот да се испочитува. Денеска по овој прес сите автобуси што се на улица да се повлечат, за да му се овозможи простор на дијалогот што тој го предлага и што за нас е основа за средба на која што како што и самиот спомена ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целава оваа состојба од која што и нему и на пошироката јавност после тие средби се надеваме дека како авторитети од висока институција ќе бидат пренесени во изворна форма на јавноста за таа да не се стави во заблуда“, рече тој.

Ленин посочи и дека инсистираат на средбата со Ковачевски да има претставници и од Градот Скопје, но и од ЈСП за да ги соочат аргументите со кои што располагаат сите три страни, за јавноста да биде посоодветна запознаена.
„Во целост прифаќаме се што премиерот Ковачевски го кажа, бидејќи вистината е на наша страна и сметаме дека доколку постои таква институционална можност преку отворање на овој дијалог кој мора да биде интензивен и што побргу да се реши“, рече Ленин.

Видете и ова: Приватните превозници бараат Владата да и ги одземе ингеренциите на Арсовска

Претходно од „Слобода превоз“ на прашањето дали ќе ги отстранат автобусите, соопштија дека ако има гаранции од страна на премиерот дека ќе се реши нивниот проблем, возилата веднаш ќе бидат тргнати.

Во втората половина на ноември престанаа да возат автобусите на „Слобода превоз“ со барање да им биде исплатен долгот кој им го должи Градот, преку ЈСП Скопје. Во моментов возат само автобусите на ЈСП. Договорот на приватните превозници Мак експрес и Слобода превоз е раскинат поради „неисполнување на обврските“.