Курти: Косово неделава ќе аплицира за влез во ЕУ

Албин Курти

Косово оваа недела ќе поднесе барање за влез во Европската унија, изјави денеска премиерот Албин Курти, „Европската унија е место на мир, безбедност, еднаквост и просперитет и затоа местото на Република Косово е во овој заеднички дом како земја која го сака мирот“, рече Курти за време на владината седница во Приштина. Пред какво било можно членство, Косово треба да постигне договор со Србија за нормализирање на односите. ЕУ веќе работи на договор за кој се надева дека двете страни ќе се согласат во рок од една година.

Борел ги повика Курти и Вучиќ да ги деескалираат тензиите во Косово

Српските демонстранти во северно Косово ги блокираа главните патишта во последните денови откако полицијата приведе поранешен српски полицаец во услови на зголемени тензии меѓу властите и српското малцинство на Косово. Независноста на Косово е призната од околу 110 земји, но не и од Србија, Русија или Кина. Постои неподготвеност за проширување на ЕУ меѓу нејзините 27 земји-членки, но руската инвазија на Украина ги натера да посветат повеќе енергија на подобрување на односите со шесте балкански земји Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Косово е единствената земја во регионот што досега нема поднесено барање за влез во ЕУ. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година со поддршка на Западот, по војната од 1998 до 1999 година во која НАТО интервенираше за да ја заштити таа територија. Косово не е членка на Обединетите нации.