Бугарија повеќе да не го одбива регистрирањето на здруженија кои имаат за цел „признавање на македонско малцинство во Бугарија“, врз основа на мотиви кои се во спротивност со пресудите на Европскиот суд за човекови права. Ова денеска го побара извршниот орган на Комитетот на министри на Совет на Европа во Стразбур. Неизвршената група пресуди од страна на Бугарија повторно се најдоа на дневниот ред на Комитетот на министрите на Советот на Европа, по втор пат за една година и повторно констатацијата е иста – пресудите не се извршени.
Станува збор за пресудите кои се однесуваат на барањата на „Обединета македонска организација Илинден“, „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и „Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор“ кои се разгледуваат како „комплексен проблем“.
Комитетот на министрите во својата одлука потсети дека оваа група случаи се однесува на неоправдано одбивање од страна на судовите, помеѓу 1999 и 2015 година, да регистрираат здруженија со цел да се добие признавање на „македонското малцинство во Бугарија“, врз основа на опасност за националната безбедност. Според Европскиот суд за човекови права забраната на здруженија кои остваруваат политички интерес е повреда на членот 11 од Европската конвенција за човекови права.
Комитетот на министрите жали поради фактот што, и покрај усвојувањето на Привремената резолуција и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата правосилна пресуда во оваа група, здруженијата кои имаат за цел „да добијат признавање на македонското малцинство“ продолжуваат да бидат рутински одбиени за регистрација, првенствено поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели и да се соочат со континуирана практика од страна на властите да покренуваат нови основи за одбивање, дури и кога записите на документите биле прегледани неколку пати“.
Комитетот нагласи дека сегашните пресуди не создаваат обврска за признавање на група на лица како малцинство, но јасно бараат од националните власти да не одбиваат регистрација врз основа на кои Европскиот суд постојано ги одбивал во однос на целите на здруженијата.
Советот на Европа преку својот Комитетот на министрите ги повика властите да ги преземат сите неопходни отворени мерки за целосно усогласување со Привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и последователните одлуки, особено со обезбедување дека секое ново барање за регистрација од страна на здруженијата апликанти или слични здруженија се разгледува во целосна согласност со член 11 од Конвенцијата и проширување на обврската на Агенцијата да дава инструкции за исправка на евиденцијата за регистрација.
Советот на Европа ја изјавува својата подготвеност, во отсуство на опиплив напредок пред нивниот состанок во септември 2023 година, да го поканат претседавачот на Комитетот на министри да испрати писмо до бугарските власти барајќи од нив да најдат брзи решенија со цел целосно и ефективно да ги почитуваат нивните обврски кои произлегуваат од пресудите на Судот во овие случаи.