Богдановски- Стратегијата за сајбер безбедност неспроведена

Не се во целост спроведени приоритетите од Стратегијата за сајбер безбедност 2018-2022, вели деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”, полковник Митко Богдановски, кој е и експерт во областа на сајбер безбедноста. Тој во интервју за новинската агениција МИА вели дека државата мора да пронајде начин за зголемување на буџетот поврзан со зајакнување на капацитетите во делот на сајбер безбедноста.

„Постојат многу фактори за неспроведување на дел од активностите, вклучително честите промени на одговорните лица кои треба да работат на развој на тие капацитети, но и на оние кои се задолжени да ги носат одлуките, како и постојаното дефокусирање и менување на приоритетите зависно од конкретните предизвици со кои се соочуваат институциите и државата“, вели Богдановски.

Според него еден од првите чекори е основање на владино тело со оперативни капацитети кое ќе биде лесно препознаено од целото општество како институција задолжена за справување со предизвиците во сајбер просторот. Според него, тоа мора да биде институција чија единствена цел ќе биде нудење услуги од областа на сајбер безбедноста, како и донесување на закон за сајбер безбедност.

„Иако воспоставувањето на ова тело е предвидено со моменталната Стратегија за сајбер безбедност, до денес не е формирано. Истото, освен што би било одговорно за координација на активностите во делот на сајбер безбедноста, тоа би требало да развие капацитети со цел да помогне на институциите во државата во случај на евентуална загрозеност на нивниот сајбер простор, да развие политики и постапки, да контролира колку тие политики и постапки се спроведуваат од страна на институциите, како и да врши контрола и да дава насоки при набавка на хардверски и софтверски решенија од трети страни“, вели тој.

Видете и ова: Министерство за одбрана – Немаше хакерски напад туку редовен сервис

Според деканот на Воена академија, Македонија е една од ретките земји која нема дефинирано критичната информациска инфраструктура. Богдановски нагласува дека дигитализацијата и сè поголемата примена на новите технологии можат дополнително да ја зголемат ранливоста на државата, особено ако не се преземат соодветни мерки за заштита. Тој додава дека институции немаат ист капацитет за справување со сајбер напади.

Видете и ова: Албанија инвестира 2,8 милиони евра за модернизација на серверите, по иранските хакерски напади

Во текот на вчерашниот ден сајтот за мониторирање настани Датаминр објави дека веб-страницата на македонското Министерство за одбрана се соочува со проблеми со поврзувањето по сајбернападот за кој одговорноста ја презеде проруската хакерска група NoName05716.

Министерството ги демантираше овие тврдења посочувајќи дека станува збор за редовно сервисирање поради кое не работала веб страницата.