Судири избија и синоќа во ромските населби кај Атина, што е трета ноќ откако полицијата тешко рани момче Ром со огнено оружје во северна Грција. Властите наредија затворање на улиците и патиштата откако младите од соседството запалија гуми и контејнери за ѓубре. Претходно, полицијата изврши рација во неколку населби во областа и уапси седум лица за поседување дрога, додека четири лица беа приведени на сослушување, соопштија властите. Насилството избувна откако 16-годишно момче беше погодено со куршум во главата за време на полициската потера во Солун во понеделникот, бидејќи наводно излегол од бензинска пумпа без да плати сметка од 20 евра. 34-годишниот полицаец кој наводно испукал истрел за време на потерата е суспендиран и денеска треба да се појави во судот на рочиште по обвинението за кривично дело убиство од небрежност со можна умисла и недозволена употреба на оружје.
Предизвиците на Ромите исти како и пред 30 години
За време на прелиминарното појавување на суд, полицаецот рече дека пукал затоа што верувал дека животите на неговите колеги се во опасност. Таткото на тешко ранетото момче изјави дека не верува во таа приказна. Владата повика на смиреност во четвртокот, реагирајќи на немирите во Атина и Солун во изминатите два дена. Владиниот портпарол Јанис Иконому го нарече случајот „трагичен“ и рече дека се истражува целосно. Денеска се очекуваат нови протести пред судската палата во Солун каде треба да дојде уапсениот полицаец.