Црвениот крст ги посетил украинските и руските заробеници

Размена на заробеници меѓу Украина и Русија на 19 јуни, 2020 година.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст - МКЦК денеска објави дека неодамна имал пристап до украинските и руските воени заробеници, додека претходните посети биле крајно ограничени и спорадични.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски често и остро ја критикува организацијата затоа што, според него, не прави доволно за да добие пристап до украинските војници заробени од руските сили. Самиот комитет изрази фрустрација поради неможноста да ја исполни својата мисија содржана во Женевските конвенции кои ги дефинираат законите за војна.

„Минатата недела Меѓународниот комитет на Црвениот крст изврши дводневна посета на украинските воени затвореници. Оваа недела се одржува уште една посета“, се вели во соопштението на МКЦК.

Видете и ова: Путин: Борбите во Украина може да траат долго

Тимот на МКЦК, според соопштението, можел да ги процени условите за живот и третманот на затворениците и да ги информира нивните семејства, при што успеале да поделат и книги, средства за лична хигиена, ќебиња и топла облека.
Црвениот крст не објави детали за условите за живот на затворениците, ниту за бројот на посетени затвореници и местата до кои можеа да одат тимовите на МКЦК.

„Посетите што се случија неодамна се важен чекор напред. Сепак, МКЦК мора да добие непречен пристап до сите воени затвореници, кои мора да може да ги гледа постојано и без сведоци, каде и да се“, додадоа оттаму.

Набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина неодамна ги објави деталите за малтретирањето на воените заробеници од страна на нивните руски или украински чувари.