Експлозија во Севастопол, бран напади во источна Украина

Пристаништето на Севастопол.

Руските сили извршија нов бран на напади врз украинските позиции и населби на истокот, соопшти денеска Генералштабот на украинската војска, додека силна експлозија беше забележана во стратешки важното пристаниште Севастопол, дом на руската црноморска флота во Крим, кој е припоен од Москва.

Генералштабот во својот дневен извештај соопшти дека руските сили продолжиле со немилосрдните ракетни напади и бомбардирања на украинските позиции во Доњецк, со посебен фокус на градовите Бахмут и Авдијевка и Луганск, каде што офанзивата на Москва била концентрирана околу Стелмахивка и Плошанка.

Во североисточниот регион на Харкив, Русите го нападнале Тернова, село на неколку километри до руската граница. Украинската војска соопшти и дека руските окупатори почнале да го мобилизираат локалното население во Мелитопол во Запорожје.

Видете и ова: Сведок за руско воено злосторство во Украина

Во Севастопол, силна експлозија одекнала над централниот дел на градот утрината, јавија дописниците на РСЕ, додавајќи дека неколку секунди пред експлозијата, можел да се слушне звук сличен на оној што се емитува при лансирање на ракета.

Михаил Развозаев, администратор на Севастопол, кој е назначен од Москва, рече дека експлозијата е резултат на „соборувањето на беспилотно летало“.

Развозаев на Телеграм напиша дека брод на руската Црноморска флота го соборил беспилотното летало над Црното Море. Тој не прецизираше на кого му припаѓа дронот.

Почнувајќи од август, Севастопол неколку пати беше цел на експлозии за кои руските власти велат дека биле предизвикани од напади со украински беспилотни летала.

Вчера во рускиот напад врз градот Курахово во Доњецк загинаа 10 лица. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека нападот бил „многу брутален, апсолутно пресметан и убил мирни луѓе, обични луѓе“.