Фон дер Лајен: Соработката на ЕУ со Западен Балкан доби нов замав

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Тирана изјави дека процесот на проширување на Европската унија повторно доби замав и дека Унијата сега многу поинтензивно соработува со Западен Балкан. Фон дер Лајен по пристигнувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан рече дека овој нов импулс во процесот на проширување се докажува со многу почести средби отколку во последните години. Потсетувајќи дека неодамна ги посетила сите земји од Западен Балкан, дека се одржал самитот на Берлинскиот процес и дека пред неколку месеци веќе бил одржан самит ЕУ-Западен Балкан, таа нагласи дека тоа е многу јасен напредок.

Лидерите на ЕУ и Западен Балкан на самит во Тирана во услови на војна во Украина

„Подготвивме пакет за Западен Балкан кој е одраз на она што го прави ЕУ и кој содржи 500 милиони евра кои земјите од регионот ќе ги искористат за да им помогнат на своите граѓани и бизниси во овие тешки времиња“, рече Вон дер Лајен. Таа додаде дека пакетот содржи уште 500 милиони евра за директни инвестиции во инфраструктурата за зелената енергија на иднината, како што се сончевата и ветерната енергија, во интерконекции, но и во програми во насока на зелен водород. Запрашана за влијанието на војната во Украина, таа рече дека не е само руската агресија врз Украина, туку се работи и за тоа дали ќе надвладее автократијата и владеењето на силата или демократијата и владеењето на правото. „На вас е да одлучите на која страна сте. На страната на демократијата, која е ЕУ, која е ваш пријател и партнер, или сакате да одите на друг начин. Тоа се основните прашања за кои ќе разговараме. Забележувам со сите шест земји од Западен Балкан дека членството во ЕУ и ЕУ се нивна приоритетна цел и токму тоа го поддржуваме“, рече претседателката на Европската комисија.