Средба Груби-Агелер за уставните измени, реформите и ветингот

Средба меѓу вицепремиерот Артан Груби и амбасадорката на САД, Ангела Агелер

Денеска се одржа средба меѓу вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер, на која се разговорало за потребата од уставните измени, ЕУ-интеграцијата, реформите и процесот на ветинг.

Како што соопштија од кабинетот на Груби, посебен фокус бил ставен на уставните измени како услов за продолжување на европскиот пат на земјава, при што било проценето дека „нема време за губење“.

Видете и ова: Амбасада на САД - Збунети сме од изборот на Абази

Во соопштението се наведува дека функционирањето на владината коалиција било оценето како „квалитативно“, а Груби истакнал дека европскиот пат бара заеднички фронт на сите прогресивни сили, додека САД остануваат посветени на поддршката за реформи и овозможување функционална и стабилна демократија.

Тема на разговор бил и предлогот за ветинг што треба да ги опфати сите, од политичките личности, судиите и обвинителите, како форма на борба против корупцијата и акција која гарантира суштинска контрола на функционерите пред да бидат избрани на функцијата.

Агелер пред еден месец дојде во земјава како нова амбасадорка на САД во Северна Македонија.