Абазовиќ и Зеленски потпишаа декларација со која Црна Гора ќе помага на армијата на Украина

Видео повик на претседателот на Украина, Володимир Зеленски и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ

Техничкиот премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска потпишаа заедничка Декларација за евроатлантската перспектива на Украина.

Како што појаснија од Владата на Црна Гора, земјата се обидува да ја поддржи одбраната на Украина, со донирање 11 отсто од средствата од воениот буџет, како и преку хуманитарен аспект и прием на илјадници бегалци.

Видете и ова: Во Црна Гора е во тек потрага по руски шпиони

Зеленски во видео обраќање рече дека Црна Гора и Украина имаат пријателски односи, без скриени намери.

„Благодарам вам и на народот на Црна Гора за поддршката од првиот ден. Црна Гора е и дом на бегалци, жени и деца, семејства на кои им е потребна поддршка од почетокот на агресијата. Ви благодариме што верувавте во нашата победа, која ќе биде споделени“, рече Зеленски.

По Белгија и Чешка, Црна Гора е трета земја во Европа што ја потпиша оваа Декларација.

„Црна Гора недвосмислено ја поддржува Украина во заштитата на нејзиниот интегритет и нејзиното право да избира како сака да живее и во кои организации сака да се приклучи“, рече Абазовиќ на прес-конференција по потпишувањето на Декларацијата.

Имено, Украина на крајот на септември поднесе барање за членство во НАТО по забрзана постапка. Нејзиното членство во моментов е поддржано од десет членки на Алијансата. За да бидат примени во НАТО, сите 30 членки треба да го одобрат ова барање.