Киев тврди дека Русија користела забрането хемиско оружје

Војник на поморските сили на украинските вооружени сили.

Украинската морнарица ја обвини Русија за употреба на забрането хемиско оружје против украинските војници во источна Украина.

Во објава на Фејсбук на 4 декември, морнарицата тврди дека Русија фрлила гранати со хлоропикрин од беспилотни летала, но дека украинските војници користеле хемиска одбрана „за да се заштитат од силниот иритирачки ефект“ на забранетата супстанција.

Хемикалијата, која била развиена како отровен гас за време на Првата светска војна, наводно била распрсната со помош на аеросолни гранати К-51.

Видете и ова: Дали Русија ќе употреби нуклеарно оружје?

Извештаите не можат независно да се проверат, а нема ниту итна реакција од Москва.

Во ноември, бриселскиот портал Политико, повикувајќи се на свои извори, објави дека администрацијата на американскиот претседател стравува дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина доколку нејзините трупи продолжат со неуспесите на фронтот.