Македонија воведува визи за Куба и Боцвана

Граничен премин Богородица, меѓу Македонија и Грција.

Македонија ќе воведе вози за граѓаните на Куба и Боцвана од 1 јануари 2023 година, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите.

Одлуката е донесена во рамки на усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на Европската унија (ЕУ).

Османи наведува дека во последно време има сериозен проблем кога земји од Африка и Азија го користат аеродромот во Белград, поради либералниот визен режим што го има Србија со многу земји, а оттаму заминуваат во некоја од земјите од ЕУ.

Видете и ова: Повторно расте бројот на мигранти низ Македонија по балканската рута

„Имаше податок дека од 6000 што слетале, за одреден временски период, само 10 проценти се вратиле назад преку тој аеродром“; вели Османи.

Тој додава дека Македонија нема проблеми со миграции од тој тип, но сепак решиле да бидат проактивни и да воведат визи.

Повремено полицијата во Македонија ќе соопшти дека се приведени Кубанци при обид илегално да влезат во земјава.