Повторно хоспитализиран бразилскиот фудбалер Пеле

Бразилски фудбалер Пеле

Славниот бразилски фудбалер Пеле е хоспитализиран во Сао Паоло за да му бидат регулирани лековите кои ги користи во борбата против туморите на дебелото црево, потврди неговата ќерка Кели Насименто-Делука.

Таа на Инстаграм напиша дека нема „ништо алармантно“ за здравјето на нејзиниот 82-годишен татко, откако веста се појави во медиумите.

На Пеле му беше отстранет туморот во септември 2021 година, по што почна со хемотерапија.

Видете и ова: Стефани Фрапар влегува во историјата на мундијалите

Оттогаш на социјалните мрежи ги отфрла обвинувањата дека е во лоша здравствена состојба, а последната објава на оваа тема ја направи на 23 октомври, на неговиот роденден.

„Само сакам да ја покажам мојата благодарност. Животот е добар. Да наполнам 82 години со семејството, во добро здравје, е најдобриот подарок“, напиша тогаш Пеле.

Пеле е трикратен светски шампион со Бразил, во 1958, 1962 и 1970 година, а на 92 одиграни натпревари за репрезентацијата постигна 77 голови.