Експлозија во Амбасадата на Украина во Мадрид, едно лице повредено

Полиција стои пред украинската амбасада откако шпанската полиција соопшти дека имало експлозијата во зградата на амбасадата во Мадрид, Шпанија. 30 ноември 2022 година.

Шпанската полиција соопшти дека дошло до експлозија во украинската амбасада во Мадрид.

Според извештаите, работник во амбасадата бил повреден при отворање на писмо-бомба. Во соопштението се додава дека тој се здобил со полесни повреди и бил пренесен во болница.

Писмото, кое пристигнало по обична пошта и не било скенирано, предизвикало „многу мала рана на десната рака“ на вработениот, изјави Мерцедес Гонзалес, претставничка на шпанската влада во Мадрид.

Засега нема дополнителни информации од самата амбасада, а на лице место се истражители и форензичари, како и разузнавачи.

Улиците околу амбасадата се затворени.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, им наредил на сите украински амбасади во странство „итно“ да ја зајакнат својата безбедност, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Украина.

Министерот, исто така, ги повика своите шпански колеги да „преземат итни мерки за да го истражат нападот“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека кој и да стои зад нападот „нема да успее да ги заплаши украинските дипломати или да ја прекине нивната секојдневна работа за зајакнување на Украина и спротивставување на руската агресија.“