ЕУ го одобри преговарачкиот мандат за визна либерализација за Косово

Луѓе пред Центарот за аплицирање за визи во Приштина

Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија денеска го договорија преговарачкиот мандат на Советот на ЕУ за регулативата за безвизно патување за имателите на пасоши издадени од Косово. Според најавата од ЕУ, врз основа на овој мандат, чешкото претседателство ќе ги започне преговорите со Европскиот парламент. Јан Липевски, министер за надворешни работи на Чешка, чија земја претседава со Европската Унија, изјави дека денешната одлука претставува важен чекор кон безвизно патување за Косово.

Земјите на ЕУ договорија текст за визна либерализација за Косово

„Се надеваме дека брзо ќе постигнеме договор со Европскиот парламент за да го направиме ова ветување реалност. Визната либерализација е овозможена со напорите на Косово да ја зајакне граничната контрола, управувањето со миграцијата и безбедноста, и веруваме дека оваа добра соработка само ќе стане посилна во иднината“, рече тој. Според ставот на Советот на ЕУ, ослободувањето од визниот режим ќе се применува од датумот на отпочнување на Европскиот систем за информации и овластувања за патување, а во секој случај најдоцна до 1 јануари 2024 година.