НАТО ќе и помогне на Украина да ја обнови енергетската инфраструктура

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг претседава со состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО на 29 ноември 2022 година во Букурешт, Романија.

Сојузниците на НАТО ќе и помогнат на Украина да ја поправи енергетската инфраструктура, која е оштетена од гранатирањето на Москва, ова беше кажано на состанокот на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата.

Министрите, на состанокот кој се одржува во Букурешт, исто така, ја потврдија одлуката од самитот на НАТО во 2008 година дека Украина на крајот ќе стане членка на Алијансата.

„Изјавивме дека Украина ќе стане членка, очекувам сојузниците да го повторат тој став. Сепак, сега главниот фокус е на поддршката на Украина. Ние сме среде војна и затоа не треба да правиме ништо што може да го поткопа единството на сојузниците во обезбедувањето воена, хуманитарна, финансиска поддршка за Украина“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на почетокот на дводневниот состанок.

Столтенберг веќе ги повика партнерите да ветат поголема помош за Киев во текот на зимата, поради руските напади врз инфраструктурата.

„НАТО ќе продолжи да се залага за Украина се додека е потребно. Нема да се откажеме“, рече Столтенберг за време на неговиот говор во Букурешт.

Столтенберг: поддршката на Украина е долгорочен интерес на НАТО

Во меѓувреме, САД најавија дека ќе обезбедат 53 милиони долари за набавка на опрема за електричната мрежа.

„Оваа опрема брзо ќе биде испорачана во Украина, на итна основа, за да им помогне на Украинците да ја преживеат зимата“, се вели во соопштението на Стејт департментот, додавајќи дека пакетот ќе вклучува и дистрибутивни трансформатори, прекинувачи и одводници на пренапони.

Украина ги повика западните партнери да обезбедат системи за противвоздушна одбрана и трансформатори за да се спротивстават на руските напади врз енергетската инфраструктура.