Москва: Одлуката за откажување на разговорите со САД е донесена на политичко ниво

Воена парада во Русија

Москва соопшти дека „нема друг избор“ освен да ги откаже разговорите со САД за договорот за контрола на нуклеарното оружје, објави Ројтерс, цитирајќи руски државни новински агенции.

Заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков рече дека Вашингтон сака да разговара само за обновување на инспекцијата, додека Москва има други приоритети. Влијание врз одлуката на Русија да се повлече во последен момент од состанокот на билатералната комисија, што требаше да започне денеска во Каиро имаше и ситуацијата во Украина.

„Ситуацијата беше таква што немавме друг избор. Одлуката е донесена на политичко ниво. Американците се фокусираа исклучиво на прашањето за обновување на инспекциите, додека решавањето на другите прашања беше и останува приоритет за нас“, рече Рјабков, а пренесува агенцијата РИА Новости.

Тој нагласил дека Москва сака да разговара за прашањето за „стратешка стабилност“ - област која опфаќа мноштво нуклеарни прашања меѓу двете земји. Се сомнева дека оваа година ќе се одржи некаков состанок и вели дека Москва не поставува предуслови за нов состанок, но дека би сакала да види „урамнотежена програма“.

Претходно пак администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Русија за одложување на состанокот, а портпаролот на Стејт департментот изјави дека одлуката е „еднострано“ донесена од Москва.

САД: Русија еднострано го одложи состанокот во врска со Новиот нуклеарен договор СТАРТ

Новиот нуклеарен договор т.н. „СТАРТ“ стапи на сила во 2011 година и го ограничува бројот на оперативни нуклеарни ракети со интерконтинентален дострел и на САД и на Русија. САД и Русија требаше да одржат еднонеделни разговори за продолжување на инспекциите во согласност со договорот, кои беа прекинати во март 2020 година поради пандемијата на корона вирусот, потсетува Ројтерс.