Од ракети до сексуално вознемирување

МАКЕДОНИЈА - Еден од пет студенти или 21,3 отсто биле во ситуација професор/ка да им се обрати со прекар како „девојче“, „злато“, „кукле“, „маче“. Еден од четири студенти или 26,2 отсто, пак, биле сведоци на споделување сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на професор/ка, а на 15,6 проценти од студентите им било даден коментар за нивниот физички изглед, по што се чувствувале непријатно и сексуализирано. Дури 88,5 проценти од студентите не знаат каде можат да пријават сексуално вознемирување што се случило на УКИМ.

МАКЕДОНИЈА - Мислам дека изборите не се решение за сегашната ситуација, бидејќи пред нас има многу поважни задачи, изјави денеска лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, во одговор на новинарско прашање во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одржување предвремени парламентарни избори следната пролет.

СОМАЛИЈА - Сомалиските безбедносни сили упаднаа во хотел во главниот град Могадишу и ја окончаа опсадата на милитантите од Ал Шабаб, по еднодневната битка во која загинаа најмалку 9 лица, соопшти полицијата.

ЕУ - Европската унија (ЕУ) денеска си даде законски овластувања да презема мерки против секој кој ќе ѝ помогне на Русија да ги избегне нејзините санкции, соопшти Унијата. Државите-членки, според соопштението, едногласно се сложиле дека кршењето на рестриктивните мерки против Русија се криминал во целата Унија.

ХАВАИ - После скоро четири децении почна ерупција на најголемиот активен вулкан на светот – вулканот Мауна Лоа на Хаваи, кој исфрла пепел и лава, соопштија денеска властите.
Ерупцијата почна доцна синоќа на Големиот Остров на Хаваи, соопшти Геолошкиот институт на САД (УСГС). Како што беше соопштено рано утринава, тековите на лавата се ограничени на делот околу врвот и не се закана за околните населби.

СРБИЈА - Агенцијата за енергетика на Србија одобри поскапување на струјата за 8 отсто и на гасот за 11 отсто од 1 јануари 2023 година.
Агенцијата за енергетика е должна еден месец однапред да ги информира граѓаните за поскапувањето на енергенсите.

ТУРЦИЈА - На турската армија и требаат само неколку дена за да биде подготвена за копнен упад во северна Сирија и таквата одлука може да дојде на денешниот состанок на владата на кој ќе учествува претседателот Реџеп Таип Ердоган, соопштија турските власти, додека турските сили бомбардираа курдска милиција преку границата.

РУСИЈА - Кремљ денеска соопшти дека ја поздравува понудата на Ватикан за обезбедување платформа за преговори за решавање на украинскиот конфликт, но дека позицијата на Киев го оневозможува тоа. „Се разбира, ја поздравуваме таквата политичка волја, но со оглед на де факто и де јуре ситуацијата што сега ја имаме на украинската страна, таквите платформи не можат да бидат барани“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Папата Франциск пред 10 дена во интервју за италијанскиот дневен весник Ла Стампа повтори дека Ватикан е подготвен да направи се што е можно за да посредува за да се стави крај на конфликтот меѓу Русија и Украина.

САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска им честиташе на граѓаните на Албанија за 110-годишнината од независноста и 100-годишнината од американско-албанските дипломатски односи и широкото, силно партнерство.

МАКЕДОНИЈА - Членовите на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања преку соопштение до медиумите реагираат на, како што се наведува, некоректното информирање на јавноста за темите кои се предмет на дискусија во работата на Комисијата. „И покрај јасно искажаните погледи и ставови на ко-претседателот од македонска страна дадени пред новинарите на 25 ноември по завршувањето на 22. средба, во одредени медиуми во изминатите три дена се пласираат информации и се емитуваат прилози со кои се шират невистини дека Комисијата го решава црковното прашање на МПЦ-ОА, дека дискутира за теолошки и црковни прашања, догми и канони, или, пак, одредува чија е ОА. Притоа, во правењето на овие прилози воопшто не е побарано мислење од членовите на Комисијата, се наведува во реакцијата.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија „планира нови напади“ врз неговата земја, повикувајќи ги одбранбените сили и граѓаните да бидат подготвени да издржат нова недела на оптоварување на електричната мрежа во услови на ниски температури.