Завршена опсадата на хотелот во Сомалија, девет загинати

Брза помош пренесува повредени во болница во Могадишу

Сомалиските безбедносни сили упаднаа во хотел во главниот град Могадишу и ја окончаа опсадата на милитантите од Ал Шабаб, по еднодневната битка во која загинаа најмалку 9 лица, соопшти полицијата.

Од внатрешноста на зградата се слушаа истрели, додека специјалците се бореа против милитантите повеќе од 12 часа откако припадници на исламистичката организација упаднаа во хотелот во центарот на Могадишу.

Хотелот Вила Рејс, кого го викаат и Вила Роса, е популарен меѓу владините претставници, и како што објави Би би си, неколку министри биле спасени од него.

Видете и ова: Над 100 жртви во бомбашки напади во Сомалија

Најмалку еден министер е повреден, додека другиот, според наводите, го преживеал нападот.

Нападот ја покажа постојаната способност на милитантите, сојузници на Ал Каеда, да изведат смртоносни напади, дури и додека владата на претседателот Хасан Шеик Мохамуд спроведува офанзива против нив.

„Операцијата во хотелот Роса е завршена“, изјави портпаролот на полицијата Садик Аден Али, пренесува Ројтерс.

Тој рече дека милитантите убиле осум цивили, а подоцна еден војник загинал во опсадата.

Петмина војници се ранети во престрелките.

Во нападот врз хотелот учествувале шестмина борци на Ал Шабаб.

„Еден се разнесе, а петмина беа убиени од безбедносните сили“, рече Али, кој додаде дека 60 цивили биле спасени.

Ал Шабаб на арапски значи Млади. Се појавија како радикално младинско крило на сега непостоечката Унија на исламски судови на Сомалија, која го контролираше Могадишу во 2006 година, пред етиопските сили да ги избркаат.

Има бројни извештаи дека странски џихадисти доаѓаат во Сомалија да му помогнат на Ал Шабаб, од соседните земји, но и од САД и од Европа.
Велика Британија и САД ја прогласија Ал Шабаб за терористичка организација, а се верува дека има меѓу 7 и 9 илјади борци.