Чести прекини на водата за пиење во новиот систем во Тетово

Тетово

И оваа недела, поради заматувањето на Лешничка река по секој посилен дожд, тетовци останаа без вода за пиење која се носи преку новиот водоснабдителен систем. Поради заматувањето, сензорите во пречистителната станица го прекинуваат доводот во градската мрежа, па само есенва неколку пати градот морал да се снабдува само со водата од стариот водоснабдителен систем.

Доктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија и хигиена во Центарот за јавно здравје Тетово вели дека има начин да се надмине оваа состојба преку озонирање, филтрација со активен јаглен и користење таложник.

Видете и ова: Малите хидроелектрани - Меѓу екологијата и профитот

Надминувањето на матноста со овој и другите можности зависи од финансиските капацитети на ЈКП Тетово, смета докторот и појаснува дека за проблемот редовно се информирани институциите на државно и на локално ниво.

„Често се случува да има заматување на водата затоа што на дневно ниво има и два до три дефекти и дотраена е водоводната мрежа и плус разнородна е. Во план е нова водоводна мрежа, мора се промени состојбата затоа што во најдобри времиња на пролет максимални 600 литри вода во секунда е магистралниот цевковод што носи вода од Шар Планина, а апсорпционата моќ е 400 литри на градскиот водовод. И на пролет кога се топи снегот, имаме 750, 600 можат да дојдат, само 420, имаме загуба од 180 литра. Тоа е еден град да се снабдува со вода“, истакнува Давидовски.

За оптимално снабдување на Тетово со вода се потребни околу 300 литри вода во секунда. Најтешко е во зимски услови кога стариот водоснабдителен систем што зема вода од извори на Шар Планина има доток помал од 300 литри во секунда.