Заедничката седница во Тирана на албанските и косовските пратеници

Заедничка собраниска седница на Косово и Албанија во Тирана

Албанија и Косово треба да ја споделат одговорноста за трансформација на државните граници меѓу двете земји во формални, нагласи Линдита Никола, претседателка на албанското собрание, во своето обраќање кон пратениците, на првата заедничка седница на парламентите на Албанија и на Косово што денеска се одржува во Тирана.

Заедничката седница се одржува во пресрет на 28 ноември- одбележувањето на 110- годишнината од независноста на Албанија.

Видете и ова: Средба на Ковачевски со Рама – Имаме заедничка цел, интеграција во ЕУ

„Денес Албанија и Косово се две независни држави. Она што се случи на 28 ноември не беше се што сакаа Албанците, туку камен-темелник на кој ќе се гради иднината. Албанците станаа достојни граѓани на цивилизацијата на која и припаѓаат,“ рече претседателката на Собранието на Албанија.

Според Никола, предизвиците во 21 век се заеднички за сите Албанци.

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца оцени дека 28 ноември е празник „не само за Албанија, туку и за Косово“. Додаде дека овој датум ја има потребната симболика за зачувување на најскапоцените спомени на Албанците.

Славната војна на нашиот народ го отстрани окупаторот и го отвори патот за прогласување независност, рече Коњуфца и ја обвини Србија дека се обидува да го „дестабилизира Косово и да го подели“.

„Единствената европска земја која останува поврзана со Русија е Србија, која се обидува да го дестабилизира Косово и да го подели. Србија ни се бори од внатре и однадвор, и колку сме поблиску еден до друг, толку полесно ќе ги заштитиме нашите националните интереси“, порача Коњуфца.